Солунска Глава

Facebook
Twitter
WhatsApp

На Солунска Глава може да искачуваат само добро подготвени алпинисти, заради тоа што карпата има комплициран приод

Солунска Глава е најмаркантниот алпинистички објект сместен во централниот дел на земјата, на планината Јакупица. Солунска Глава всушност преставува највисокиот врв на планината Јакупица со надморска височина 2540 м. Карпите на Солунска Глава  се сместени во форма на амфитеатар над изворот на реката Бабуна со широчина од околу 5 км. и височина до 1000м., а познати се под името Нежилови стени (Нежилови карпи).

На карпата се разликуваат два дела : еден помасивен и покомпактен “јужна карпа” и другиот “источна карпа” разигран и разделен со неколку жлеба т.н.”глави”, прва, втора, трета и четврта глава (гледано од југ кон север). Должината на карпата изнесува од 200 до 1000метри. Пократките должини се главно во левиот дел “источната карпа”, а најдолга е карпата во централниот дел “јужната карпа”. Должината на источната карпа варира од 200 до 450метри. Точилата и сипарите кои ја делат карпата допираат речиси до горниот раб на карпата. Јужната карпа (Мокар камен) е најдолга со околу 1000метри. Во средината ја дели изразен жлеб кој во горниот дел на карпата се дели на два крака. Десниот дел е многу експониран и преовладуваат мазни плочи. Левата страна е значително раскршена, ја одбележуваат коси пукнатини и изразени гребени. Тој дел од карпата во продолжение на стрмната тревна падина се спојува со врвот Солунска Глава. Во подножјето на карпата се истакнува голем црвенкаст столб (Црвениот столб), но и во централниот дел има места каде што сипарот започнува високо во карпата, со што истата е значително скратена на должини од околу 350 метри. Најкарактеристично вакво место во средишниот дел е т.н. Црвен кулоар. Карпата по состав е варовник со примеси (кафено-црвена боја), заради што се карактеризира со кршливост. Ронливоста варира во различни делови од карпата и централниот дел има најдобра компактност.

Солунска Глава во голема мерка потсетува на карпите од долината Тамар или Северната Триглавска

Најдобра појдовна точка за карпата е планинарскиот дом “Чеплез” кој се наоѓа на надморска височина од 1445 м., и до него се доаѓа по лош автомобилски (земјен) пат од населбата Богомила (50 км југозападно од Велес), преку селото Нежилово или пак преку селото Папрадиште. Со возило по патот до домот се стигнува за околу 1 час од Богомила, а пешки со воз до станицата Орешје (првата станица после Богомила) и од таму по маркиран пат за селото Нежилово, а потоа по маркирана планинарска патека до домот Чеплез. Време на приодот е од 3 до 4 часа. Најдобро сместување е во планинарскиот дом Чеплез, кој има капацитет од околу 50 легла и е отворен во текот на целата година.

Приодот од планинарскиот дом Чеплез до карпата не е едноставен и постојат две основни варијанти, но дополнителни информации можат да се добијат кај домарот. Првиот приод е преку изворот на реката Бабуна, а потоа по централниот кањон над изворот по мошне див предел, совладувајки тежини од II и III степен и се стигнува во дното на амфитеатарот под карпата. Потребното време за приод е од 3 до 5часа. Вториот приод е по маркирана патека за до врвот Солунска Глава и од горниот раб на карпата се прави абзел. Местото за абзел е на крајот на платото кога започнува последното искачување за врвот. Абзел линијата е со експанзиони клинови и е со 6 должини со 60 метри  јаже. Времетраењето и должината на овој приод се пократки од претходниот.

Најдобар период за качување во овој локалитет е од почетокот на Јуни до крајот на Септември.

Локалитети

Локалитет Плоча

Алпинистичко, спортско качувачки локалитет Плоча се наоѓа во југоисточна Македонија на 23 километри од градот Штип. До него води регионалниот пат Штип-Радовиш, а од главниот град Скопје се  стигнува преку автопатот М75 Скопје-Велес и регионалниот пат Велес-Штип.

Патишка Река

Патишка река се наога на 40 км од Скопје. Со својата специфична организација на мразот Големиот кулоар нуди одлични услови за качување на насоки со различни тежини и во различни техники на качување. Должината е преку 150м. Сувата карпа е со должина од околу 200м.

Остра Карпа, Стогот

Остра карпа е по многу што единствен локалитет во нашата земја. Се наоѓа во карпест масив на Селечка планина кој се протега во должина од 20 км, сместен северно и југозападно од градот Прилеп. Карпата по својот состав е гранит со примеси и нуди одлични услови за уживање во искачувањето од типот на clean free climbing.