Матка е еден од нај пристапните и уредени локалитети блиску до Скопје
Алпинистичко, спортско качувачкиот локалитет “Матка” се наоѓа во кањонот на реката Треска околу 15 км југозападно од Скопје. До Матка може да се дојде со возило и со градски автобус бр.2 и 12 до с. Сарај, а од таму со минибус бр.60. Минибусот тргнува на секои 100 мин од с. Сарај.
Со возило се стигнува до паркингот над кајак-стазата и од таму се продолжува до планинарскиот дом “Матка”. До него се доаѓа по уредена патека за 10 мин. од паркингот за возила односно последната автобуска постојка. Сместување е можно во планинарскиот дом “Матка” кој е отворен преку целата година, а истиот се наоѓа на брегот на вештачкото езеро. Домот располага со околу 50 легла. Во домот има можност и за ресторанска исхрана. На Матка може и да се кампува со шатори и тоа главно на две места : во дворот над планинарскиот дом “Матка” и во дворот на манастриот Св. Никола Шишевски кој се наоѓа на спротивната страна од езерото. Кампувањето во манастирот Св. Никола Шишевски е бесплатно.
Бројот на алпинистичките насоки изнесува околу 40 со тежина од III до VII и А2 по UIAA, а должина од 150 до 200 метра
Алпинистичките и спортско-качувачките насоки се наоѓаат на карпите од двете страни на кањонот во кој е изградена брана и вештачко езеро. Карпата по состав е варовник со примеси, и се карактеризира со умерена компактност, но на одредени делови е и доста ронлива. Внимавајте, на пролет има големи одрони! Алпинистичките и спортско качувачките насоки се поделени во неколку сектори : “Отмарова Карпа”, “К(Клин)”, “Централа”, “Пиер”, “Планинарски дом Матка”, “Маткино Трло” и “Иглите на Матка”. На Матка може да се качува преку целата година. Најдобар период за качување е од март до јуни и од септември до ноември, што не значи дека и во зимските месеци не можете понекогаш да уживате во пријатни пролетни температури во некои сектори.