Демир Капија по својот состав ја прави да биде најквалитетна кај нас
Алпинистичкиот, спортско качувачкиот локалитет “Демир Капија” се наоѓа во централниот дел од Македонија, на100км од Скопјe. На самиот автопат E-75 Скопје-Гевгелија се издигнува карпата покрај реката Вардар. Наједноставно до насоките се доаѓа од паркингот помеѓу двата тунели. Низ течението на Челевечка река има околу 10 алпинистички насоки додека овде се и најголемиот дел од спортските насоки поделени на сектори. На самиот паркинг и околу него постојат по неколку алпинистички насоки.
300 метарските насоки нудат вистинско алпинистичко искачување
По течението на Челевечка река и уливањето во Вардар на само стотина метри од тунелите се движиме во десно по ферати и сајла над реката Вардар и по стотина метри доаѓаме до најпопуларните околу 25 алпинистички насоки. Постојат и други приоди до овој дел, но тие се малку по сложени. Карпата по состав е чист варовник со одлична компактност, но на одредени делови е ронлива. Можноста за заштита во карпата е одлична, нуди користење на клинови, чокови, френдови, практично се, но повеќето од насоките се обезбедени со алпинистички клинови, а на сидриштата со експанзиони. Должината на алпинистичките насоки изнесува од 100 до 300 метри.
Најдобро сместување е во шатори крај реката Вардар, а најдобар период за качување е од март до јуни и од септември до ноември.