Се запознавте со „Ружица“ сега спремете се за –
„Благица“ 300м, VII- е нова насока на Јужен ѕид искачена од Стефанија и Радован на 27.9.2026. Насоката поминува по плочите и се наоѓа над фератата – помеѓу „Фина насока“ и „Ружица“ од лева страна и „Брзи Гонзалес“ од десна. Пристапот е по фератата кон Јужен до четвртиот експанзионен клин каде што почнува полицата со вегетација, се поткачува над него на бела полица (може да се осигурате на дрво).
Оттука започнува челно и право се движи низ плочата, после 7-8м оди малку дијагонално и лево преминува преку два мали мева и излегува над тој столб, по излегувањето оди в десно по малку ронлив терен за повторно да влезе во плочата над тој дел до сидриште. За сидриште може да се искористи дрвото на широката полица, истото кое е и за Ружица. 60м, V-
Втората должина влегува во средина на плочата кај дрвата и ја следи пукнатината. Продолжува во жлебот и над него од десна страна има дрво за сидриште на 50м. Оценка VII- .Оставивме 4 клина во клучните делови.
Третата е полесна должина и оди право над сидриштете за да се стигне до дрво под десната карпа. Овој дел го качувавме паралелно, 70м, II-III.
Четвртата започнува по црно мовестиот дел на карпата и се движи нагоре и благо дијагонално кон десно каде започнува логичен жлеб. Тука забележавме најпрвин еден клин, па потоа нагоре и уште, всушност се приклучивме на должина од некоја веќе постоечка насока за нас сеуште непозната. (во консултација со други алпинисти заклучивме дека тоа е најверојатно дел од насока искачена од Славко Тодоровски и Костантин Циривири). Сидриште направивме на дрво и френд. Должина 60м, V+
Петтата должина е кратка 20м, II-III; се поткачивме над сидриштето и ја преминавме големата полица до карпа.
Шестата продолжува челно и право, на почетокот се забележува еден клин на 3-4м од земја, од него право и лево низ жлебот се излегува нагоре. Сидриште на дрво на 40м, V.За отстап се упативме лево кон абзелот над кутија, па по фератата надолу.
За качување користевме биколори, сет френдови и чокови, чекан, клинови, 12 комплети, лична опрема.

