ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА МАКЕДОНСКАТА АЛПИНИСТИЧКА ФЕДЕРАЦИЈА
Суштината на програмското работење на Македонската алпинистичка федерација, како највисока форма на организираната алпинистичка активност во Република Македонија, е да овозможи интегрирање на алпинизмот во сите општествени сегменти, што според нас преставува незаменлив придонес кон потикнување на целокупниот општествен развој.
Иднината на здравата и прогресивна македонска заедница ја гледаме преку приближување на алпинизмот до младите и нивно прифаќање на алпинистичката философија на размислување и чистата алпинистичка етика на делување.
Цел на програмското работење на Македонската алпинистичка федерација е македонскиот алпинизам да биде дел од современиот светски алпинизам, како во делот на алпинистичките достигнувања така и во делот на алпинистичката мисла.
Нашата визија за иднината е да изградиме алпинизам кој ќе почива на млади луѓе кои ќе бидат обучени да го препознаат модерното во светските алпинистички текови, не отфрлајки ја при тоа традицијата и основните етички вредности на човековото живеење.
Постигнување врвни светски резултати и оставање ‘‘македонска алпинистичка трага‘‘ низ најголемите планински масиви низ светот, за нас преставува императив за работа без откажување. Градење на институционално организиран алпинизам, самостоен во поглед на организацијата и препознатлив по универзалниот концепт на чистата алпинистичка философија, преставуваат неопходни инструменти за постигнување на нашата цел и остварување на нашата визија за иднината.
Приоритети во програмата за работа на Македонската алпинистичка федерација се следниве:
1. Институционализација на македонскиот алпинизам со формирање Македонска алпинистичка федерација како неопходен предуслов во оваа насока.
2. Формирање квалитетен алпинистички кадар составен главно од млади луѓе кои ќе бидат обучени според најновите светски стандарди.
3. Уредување на што е можно поголем број алпинистички локалитети во Македонија, заради проширување на просторот за работа и тренинг на нашите алпинисти, но и заради промовирање на македонските алпинистички атракции пред светот.
4. Реализација на врвни алпинистички искачувања во европските планински масиви, со ставање приоритет на искачување на таканаречените ‘‘најголеми алпски проблеми‘‘.
5. Организирање врвни алпинистички искачувања во планинските масиви низ светот и реализација на првенствени алпинистички искачувања кои ќе бидат именувани според нашите историски, човечки и културни вредности и според нашата визија за иднината на светскиот алпинизам.