ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА НА МАКЕДОНСКАТА АЛПИНИСТИЧКА ФЕДЕРАДИЈА

1. Македонската алпинистичка федерација (во понатамошниот текст МАФ) ги обединува алпинистите од Република Македонија кои членуваат во алпинистички клубови и се занимаваат со алпинизам во согласност со одредбите од Законот за спорт и ја организира и регулира алпинистичката активност.

 
 
2. РАБОТНИ ТЕЛА НА ФЕДЕРАЦИЈАТА
 
Работни тела на МАФ се:
  • Управен одбор (во понатамошниот текст УО) кој раководи со МАФ и ги организира нејзините активности.
  • Претседател – кој раководи и ја координира активноста на Управниот одбор. Претседателот ја претставува МАФ.
  • Собир на претставници од Алпинистичките клубови – го сочинуваат по еден претставник од сите активни Алпинистички Клубови (во понатамошниот текст АК) кои работат според Правилникот за работа на МАФ и земаат редовно учество на алпинистичките собири организирани од страна на МАФ.
  • На состаноците на Собирот може да учествуваат повеќе претставници од еден Алпинистички клуб, како и да земат учество во расправата и да даваат предлози и сугестии, но без право на глас.
  • Мандатот на Претседателот и Управниот одбор изнесува четири години, со право на реизбор. Претседателот и Управниот одбор ги избира Собирот на преставници од АК.
  • За регулирање на одредени активности на МАФ, зависно од потребите, се формираат комисии. Нивниот мандат и ингеренции се регулираат со упатства за нивна работа. Овие комисии ги одредува Управниот одбор, а за одлуката мора да го известат Советот.
 
3. АЛПИНИСТИЧКИ КЛУБОВИ
  • Алпинистичките клубови можат да бидат два вида:
    1. Самостојни алпинистички клубови каде што членуваат најмалку по еден алпинист со називот “Инструктор по Алпинизам” со важечка легитимација и еден алпинист со називот “Алпинист”, исто така со важечка легитимација.
    2. Алпинистички клубови кои работат под менторство – тоа се оние Алпинистички клубови кои не ги исполнуваат условите да бидат самостојни. Тие работат под директен надзор – менторство на МАФ, или под надзор на Алпинистички клуб одреден за тоа од страна на МАФ.
  • Сите Алпинистички клубови се обврзани да работат во склад со правилникот за работа и другите акти на МАФ и да ги почитуваат годишните и периодичните планови за активности на МАФ.
  • Секој АК има обврска да учествува на најмалку 60% од алпинистичките собири кои се организирани од страна на МАФ.
  • Секој АК е должен редовно да учествува на сите курсеви и семинари што се организирани од страна на МАФ.
  • На крајот на годината секој АК е должен да достави до МАФ извештај за реализираните активности во изминатата година, како и преглед на активности за секој член поединечно.
  • Секој АК треба да се придржува до одредбите од Законот за спорт на РМ.
  • Членовите на АК кои се занимаваат со алпинизам треба да бидат осигурени од несреќа, да вршат редовни медицински прегледи и да работат во согласност со правилникот за работа на МАФ и препораките за безбедност дадени од страна на МАФ.
 

4. АЛПИНИСТИЧКИ НАЗИВИ

 
Општи одредби
 
  • Нивото на стручност во алпинизмот се изразува преку алпинистичките називи. Алпинистот носител на одреден алпинистички назив добива легитимација со која се потврдува соодветниот назив.
  • Алпинистичкиот назив се стекнува со полагање алпинистички испит за истиот. За положен испит за одреден алпинистички назив, МАФ издава соодветна диплома. Покрај тоа, како што е претходно кажано, називот е евидентиран во алпинистичката легитимација на секој алпинист.
  • Дипломата и легитимацијата (покрај архивата во МАФ) се единствените валидни документи со кои се потврдува алпинистичкиот назив.
  • Стекнатиот алпинистички назив може да биде во активна форма и во мирување.
  • Активната важност на стекнатиот назив е една година. Обновувањето на важноста на називот се врши со редовно учество во активностите организирани од страна на МАФ.
  • Критериумите за обновување на алпинистичките називи се дефинираат со одредбите од овој правилник.
  • Активната фаза на алпинистичкиот назив подразбира исполнување на одреден минимум на алпинистичка активност во текот на секоја календарска година,  што подразбира:
    – Најмалку 20 алпинистички искачувања на сува карпа, во најмалку 10 различни алпинистички насоки;
    – Најмалку 3 зимски алпинистички искачувања;
    – Најмалку 5 искачувања на планини повисоки од 2000 метри, од кои три во зимски услови;
    – Присуство на најмалку два собири организирани од страна на МАФ.
    – Присуство на семинар за соодветниот алпинистички назив организиран од страна на МАФ.
  • За алпинистичкиот називи Инструктор по Алпинизам покрај горе наведеното, потребно е задоволување и на следниво:
    – Присуство на летен и зимски семинар за почетници или аспиранти за алпинизам, најмалку еднаш на две години;
    – Присуство на семинар за Инструктори по алпинизам, најмалку еднаш  годишно;
    – Организација и реализација на најмалку еден зимски и еден летен семинар за алпинизам, еднаш на две години (семинарот треба да биде организиран според стандардите на МАФ и соодветно пријавен и евидентиран);
  • Со исполнување на горе наведените критериуми алпинистичкиот назив преминува од “мирување” во “активна” фаза и обратно.
  • За алпинистичките називи кои се стекнати во друга држава важи следново:
    – По автоматизам се признаваат алпинистичките називи кои се добиениоф  организација член на UIAA која има добиено сертификат за исполнети тренинг стандарди на UIAA (соодветен документ и објава на веб страната на UIAA). Алпинистичкиот назив треба да биде потврден со официјален документ од соодветната организација, членка на UIAA;
    – Не се признаваат називите добиени од локални клубови и здруженија, како и членки на UIAA кои ги немаат исполнето тренинг стандардите на UIAA;
    – Алпинист кој е носител на активна (важечка) лиценца од меѓународната организација на алпинситички водачи – IFMGA (International federation od mountain guide associations) по автоматизам добива лиценца за Инструктор по алпинизам од МАФ;
    – Доколку МАФ смета дека алпинистичкиот назив добиен во странство треба да биде проверен, кандидатот е обврзан да полага практичен и теоретски испит за тој назив, согласно со критериумите на МАФ.
  • Легитимација на која што е наведен алпинистичкиот назив се издава само на алпинисти кои ги исполнуваат критериумите за обновување на алпинистичкиот назив.
  • Лица кои не ги исполнуваат критериумите за обновување на алпинистичкиот назив, добиваат алпинистичка легитимација (доколку ги исполнуват критериумите за членство во МАФ преку матичните клубови), без наведен алпинистички назив.
  • Временскиот период во кој што алпинистичкиот назив може да биде во форма на мирување изнесува десет (10) години. Доколку алпинистот не го обнови ниту еднаш својот назив во овој временски период истиот се губи и повторно стекнување на називот се врши преку полагање алпинистички испит за соодветниот назив.
  • Временскиот период во кој што може да биде во форма на мирување алпинистичкиот назив ‘‘Инструктор по алпинизам‘‘ изнесува пет (5) години. Доколку инструкторот не го обнови називот во овој временски рок, повторното стекнување на називот се врши преку семинари за обновување на инструкторски назив.
 
АЛПИНИСТИЧКИ НАЗИВИ – ПРЕГЛЕД
 
4. 1. Алпинист Курсист
 
Критериуми:
  • Завршен летен курс за алпинизам во времетраење од најмалку десет дена;
  • Завршен зимски курс за алпинизам во времетраење од најмалку десет дена;
  • Способност за качување во летни услови “како прв”, алпинистичка насока со тежина III +;
  • Способност за качување “како втор” во летни услови алпинистичка насока со тежина IV +;
  • Способност за качување во заснежени кулоари како втор;
  • Познавање на теоретскиот дел од програмата за едукација (види прилог- Програма за едукација).
Алпинистичка активност:
  • Алпинистот со називот Алпинист Курсист може да работи во алпинистичките локалитети само во присуство и под надзор на алпинист со повисок назив.
  • Искачувањето во алпинистички насоки е дозволено само во наврска со алпинисти кои се носители на називот Аспирант за Алпинист и повисоко.
  • Полагање: Испитот за алпинист курсист се полага во матичниот АК, доколку истиот ги исполнува условите за самостојна работа.
  • Во други случаи се полага пред комисија на МАФ. Составот на комисијата го одредува УО или лицето одговорно за алпинистичка обука во МАФ.
 
4. 2. Аспирант за Алпинист
 
Критериуми:
  • Завршен летен курс за аспиранти за алпинисти;
  • Завршен зимски курс за аспиранти за алпинисти;
  • Способност за качување “како прв” во алпинистичка насока со тежина V +;
  • Способност за слободно качување вежбалишта или спортски насоки со тежина VI +;
  • Способност за качување заснежени кулоари и комбинирани насоки (карпа-мраз-снег) со тежина М -2 и WI – 2, како прв;
  • Да има реализирано најмалку 70 алпинистички искачувања во најмалку 20 различни алпинистички насоки;
  • Да има качувано во најмалку три различни локалитети, на најмалку две различни по состав подлоги за качување;
  • Да има искачено најмалку две првенствени насоки со должина од 150 метри и повеќе;
  • Да ги познава елементите на планинското спасување и спасувањето на карпа;
  • Да има реализирано најмалку 20 искачувања во зимски услови, на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Познавање на теоретскиот дел од програмата за едукација (види прилог- Програма за едукација);
  • Најмалку една година активен алпинистички стаж.
Алпинистичка активност:
  • Алпинистот носител на називот Аспиранти за алпинист, може самостојно да качува во алпинистичките локалитети и на вежбалиштата со алпинисти кои имаат ист назив и повисоко.
  • Може да води наврска во која има најмногу еден алпинист со називот Алпинист Курсист, но под надзор (или одобрение) на Алпинист или Инструктор по Алпинизам.
  • Не смее да води почетници во алпинистичка насока или на вежбалишта, без надзор на Алпинист или Инструктор по алпинизам.
 
Полагање:
 
  • Испитот за називот Аспирант за Алпинист се полага пред комисија организирана од страна на МАФ. Составот на комисијата го одредува УО или лицето задолжено за координирање на обуката во МАФ.
 
 
4. 3. Алпинист
 
 
Критериуми:
 
  • Завршен летен семинар за Алпинисти;
  • Завршен зимски семинар за Алпинисти;
  • Учество на зимски и летни курсеви како предавач и демонстратор;
  • Учество на акции за одржување и уредување на алпинистичките локалитети;
  • Способност за качување “како прв” во алпинистичка насока со тежина VI ;
  • Способност за слободно качување вежбалишта или спортски насоки со тежина VII ;
  • Способност за качување заснежени кулоари и комбинирани алпинистички насоки (карпа-мраз-снег) со тежина М -3, како прв;
  • Способност за качување во мраз тежини WI – 4;
  • Да има реализирано најмалку 150 алпинистички искачувања во најмалку 35 различни алпинистички насоки;
  • Да има качувано во најмалку 5 различни алпинистички локалитети, на најмалку две различни по состав подлоги за качување;
  • Да има искачено најмалку 5 првенствени алпинистички насоки, од кои две со оцена V;
  • Да владее со сите елементи на планинското спасување и спасувањето на карпа;
  • Да има реализирано најмалку 30 искачувања во зимски услови на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Да ја владее основната техника на турното скијање;
  • Познавање на теоретскиот дел од програмата за едукација (види прилог Програма за едукација);
  • Најмалку две години активен алпинистички стаж.
 
Алпинистичка активност:
 
  • Алпинистот носител на називот Алпинист, може самостојно да качува во алпинистичките локалитети и на вежбалиштата.
  • Може да води наврска во која има алпинисти почетници.
  • Може да едуцира почетници и курсисти под надзор на активен Инструктор по алпинизам.
 
Полагање:
 
  • Испитот за називот Алпинист се полага пред комисија организирана од страна на МАФ. Составот на комисијата го одредува УО на МАФ или лицето задолжено за координирање на обуката во МАФ.
 
4. 4. Инструктор по Алпинизам
 
Критериуми:
 
  • Завршен летен семинар за Инструктори и кандидати за Инструктори;
  • Завршен зимски семинар за Инструктори и кандидати за Инструктори;
  • Организација и раководење со најмалку 20 алпинистички табори, од кои најмалку 5 зимски;
  • Организација и раководење на најмалку два табора – акции надвор од земјата;
  • Организација и раководење на најмалку 8 курсеви и семинари, од кои најмалку 4 во зимски услови;
  • Едукација – менторство на најмалку тројца алпинисти, од нивото на почетник до називот Аспирант за алпинист;
  • Организација и учество во уредување на алпинистички локалитети;
  • Способност за качување “како прв” во алпинистичка насока со тежина VII;
  • Способност за слободно качување вежбалишта или спортски насоки со тежина VII +;
  • Способност за качување зимски насоки со тежина М – 4, и WI – 4;
  • Да има реализирано најмалку 300 алпинистички искачувања, во најмалку 60 различни алпинистички насоки;
  • Да има качувано во најмалку 10 алпинистички локалитети, на најмалку 4 различни подлоги;
  • Да има искачено најмалку 15 првенствени алпинистички насоки, од кои најмалку две со оцена VI и најмалку пет во зимски услови;
  • Да биде способен самостојно да раководи со спасување на планина и на карпа;
  • Да има реализирано најмалку 50 искачувања во зимски услови на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Познавање на теоретскиот дел од програмата за едукација (види прилог Програма за едукација);
  • Три години активен стаж со називот Алпинист.
 
Алпинистичка активност:
 
  • Алпинистот носител на називот Инструктор по Алпинизам може самостојно да едуцира и да ги изведува сите видови на алпинистичка активност.
 
Полагање:
 
  • Испитот за називот Инструктор по Алпинизам се полага пред комисија организирана од страна на МАФ. Составот на комисијата го одредува УО на МАФ или лицето задолжено за координирање на обуката во МАФ.
 
 
5. АЛПИНИСТИЧКИ ИСПИТИ
 
  • Алпинистичките испити се одржуваат за време на алпинистичките собири, курсеви и семинари.
  • Алпинистички испит може да се одржи и по барање на кандидатот надвор од горе наведените редовни активности на МАФ. Трошоците за испитот во овој случај ги сноси кандидатот.
  • Алпинистичките испити за сите називи се состојат од два основни дела – теоретски и практичен.
  • Составот на испитната комисија го одредува УО на МАФ или одговорното лице во МАФ. Испитната комисија е составена од три члена, од кои најмалку еден е носител на називот Инструктор по Алпинизам во активна форма, а останатите двајца се носители на назив Алпинист или повисоко, исто така во активна форма.
  • После секој испит се прави записник, кој влегува во личното досие на алпинистот кандидат.
  • За успешно положен испит се издава диплома за соодветниот алпинистички назив, а називот се впишува во алпинистичката легитимација на алпинистот.
  • Како што е претходно напоменато, во делот за алпинистичките називи, називот е со активна важност од една година.
  • Кандидатот за полагање надоместува дел од трошоците за спроведување на испитот, а паричниот износ на тој дел го одредува УО на МАФ.
 
6. АЛПИНИСТИЧКА ОБУКА
 
  • Алпинистичката обука се спроведува на ниво на алпинистички клубови и на ниво на Македонската алпинистичка федерација.
  • Во рамките на клубовите обуката се спроведува преку организирани алпинистички училишта кои се раководени од страна на Инструктори по алпинизам кои поседуваат важечка инструкторска лиценца.
  • Алпинистички училишта се организираат и во клубовите каде што нема инструктори по алпинизам, меѓутоа овие училишта работат под директно менторство на Македонската алпинистичка федерација.
  • Програмата за работа на алпинистичките училишта е единствена за целата федерација и обврска на клубовите е да се придржуваат до истата.
  • Обуката во рамките на Македонската алпинистичка федерација се спроведува преку курсеви и семинари.
  • Курсевите и семинарите се од тематски карактер и на нив се обработуваат структурирани содржини кои се наменети за одреден алпинистички назив или за одреден сегмент од алпинистичката проблематика.
  • Секоја година Македонската алпинистичка федерација организира најмалку по еден семинар и курс за ‘‘зимски‘‘ и за ‘‘летен‘‘ алпинизам, како и по еден семинар за алпинистичките називи ‘‘Алпинист‘‘ и ‘‘Инструктор по алпинизам‘‘.
  • Присуството на семинарите е задолжително за сите алпинисти кои сакаат да ја обноват важноста на стекнатиот алпинистички назив во текот на календарската година.
 
7. АЛПИНИСТИЧКИ ЛОКАЛИТЕТИ
 
  • Во составот на МАФ постои Комисија за уредување на алпинистичките локалитети која во рамките на своите можности се грижи за алпинистичките локалитети во Република Македонија;
  • Интервенции во постоечките алпинистички насоки (промена на клинови, додавање клинови, вадење клинови, поставување сидришта и сл) може да направи само МАФ или алпинистите автори (првите искачувачи) на насоката;
  • Секоја интервенција – промена во алпинистичките насоки што не е во согласност со светските алпинистички стандарди и критериумите за работа на МАФ и за којашто не е известена МАФ, се смета за акт со кој се загрозува безбедноста на алпинистите;
  • Секоја промена во алпинистичката насока (промена на клинови, додавање клинови, вадење клинови, поставување сидришта и сл) за која не се информирани авторите – првите искачувачи на насоката, се смета за груб прекршок на алпинистичката етика;
  • За секоја промена што е забележана или направена во алпинистичките локалитети треба да биде информирана МАФ и сите АК;
  • Секој алпинист кој качува во алпинистички локалитет должен е да ја процени безбедноста на алпинистичката насока, и самиот да донесе одлука за својата активност, при што одговорноста за безбедноста при качувањето секогаш е лична;
  • Со оглед на карактерот на алпинизмот како спорт и дејност, како и прифатените стандарди од оваа област во светот, МАФ не гарантира безбедност при качувањето во алпинистичките локалитети;
  • При качувањето во алпинистичките локалитети секој алпинист – качувач во локалитетот е должен да се придржува кон стандардите за безбедно качување, како во поглед на користењето на потребната опрема за качување и психофизичката подготвеност, така и во поглед на целокупното однесување во алпинистичкиот локалитет;
  • На акциите кои се организирани од МАФ со цел уредување на алпинистичките локалитети, задолжително е присуството на сите АК и нивните членови;
 
8. АЛПИНИСТИЧКИ АКЦИИ
 
  • Алпинистичките акции (собири, курсеви, семинари, качувања, експедиции) можат да бидат организирани од страна на МАФ; од страна на АК кој ги исполнува критериумите за организирање таков вид алпинистичка акција; и алпинисти поединци со соодветни квалификации, согласно со критеримуите за работа во МАФ;
  • Акциите организирани од страна на МАФ имаат карактер на државни алпинистички активности;
  • АК и нивните членови должни се редовно да присуствуваат на алпинистичките акции кои се организирани од страна на МАФ (собири, курсевите и семинари);
  • Алпинистичка акција од државен карактер треба да биде раководена или да се изведе под надзор на алпинист со назив Инструктор по Алпинизам во активна форма;
  • МАФ во рамките на своите можности организира акции од државен карактер и надвор од нашата земја. Изборот на учесници ќе се врши на најмалку два Алпинистички собири кои ќе се организираат во домашните локалитети или во странство според критериуми кои однапред ги утврдуваат УО на МАФ.
  • УО на МАФ одредува и Раководител на Акцијата кој е должен да води Дневник на активностите за целата акција и по завршувањето на истата да поднесе извештај за реализирани активности како и финансиски извештај.
  • За една алпинистичка акција да има карактер на акција на МАФ, потребно е истата да биде во склад со програмата за работа и критериумите на МАФ, а организаторот на истата да ги исполнува потребните услови за организирање таков вид алпинистичка акција;
  • Алпинистичките акции кои се изведуваат надвор од нашата земја, а се организирани од АК, имаат карактер на државни алпинистички акции доколку се истите во склад со критериумите на МАФ и се организирани од самостојни АК кои редовно учествуваат во активностите на МАФ;
  • МАФ нема да поддржува алпинистички акции кои се организираат од АК и поединци кои не се редовни во активностите на МАФ и кои не ги почитуваат критериумите за работа на МАФ.
 
ПРИЛОГ
ПОДГОТВИТЕЛНИ ПРОГРАМИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ
АЛПИНИСТИЧКИ НАЗИВИ
 
 
 
ПРИЛОГ БРОЈ 1
ПОДГОТВИТЕЛНА ПРОГРАМА ЗА НАЗИВОТ
АЛПИНИСТ КУРСИСТ
 
1. Основни рељефни форми на карпа и планина и ориентација на планина.
 
2. Планирање на една планинарска и алпинистичка тура.
 
3. Облека за движење и престој во планина.
 
4. Алпинистичка опрема:
– карабинери, видови и намена
– јажиња, видови и намена
– појаси,
– шлем,
– патики за качување…
Основно за опремата за качување и нејзино одржување.
 
5. Постапки при одредени планинрани и непланирани ситуации во карпа.
 
6. Најчести повреди во планина и основи на прва помош (основно).
 
7. Системи на карпа:
– сидришта
– самоосигурување и осигурување на партнерот
– системи за извлекување
– системи за самоизвлекување
– движење по гребен
– паралелна наврска
– абзел (спуштање со јаже) од карпа
 
8. Основно за системите во снег:
– глечерска наврска
– сидриште во снег и мраз
– осигурување во снег
– осигурување во мраз
– абзел низ заснежена падина
 
9. Алпинистички јазли.
 
10. Качување:
– Качување како прв насока со тежина III+
– Слободно качување со тежина V
– Качување во мраз како втор
– Ноќно качување како втор
– Техничко качување
 
11. Основно за скалите за оценување на тежините на насоките.
 
12. Основно за алпинистичкиот експедиционизам.
 
13. Алпинистичка етика (слободно качување, почит кон карпата, колегијалност, вистинито прикажување на резултатите…).
 
14. Одржување на алпинистичките локалитети.
 
 
 
ПРИЛОГ БРОЈ 2
ПОДГОТВИТЕЛНА ПРОГРАМА ЗА НАЗИВОТ
АСПИРАНТ ЗА АЛПИНИСТ
 
1. Основни рељефни форми на карпа и планина (камин, плоча, жлеб, кулоар, падина, врв, седло, гребен и сл.).
 
2. Основи за ориентацијата во природа (работа со компас, читање карта, одредување страни на светот).
 
3. Постапка при подготовка за заминување на планина или качување на карпа (планирање на маршот/насоката, избор на опрема, временска прогноза…).
 
4. Облека за движење и престој во планина (пантолони, јакни, чевли, шатори, вреќи, прибор за готвење…).
 
5. Алпинистичка опрема:
– карабинери, видови и намена
– јажиња, видови и намена
– појаси,
– шлем,
– патики за качување…
 
Основно за опремата за качување и нејзино одржување.
 
6. Непредвидени ситуации во карпа (паѓање на партнерот, враќање од карпа, основни поими за бивак во карпа).
 
7. Најчести повреди во планина и основи на прва помош (основно).
 
8. Системи на карпа:
– сидришта
– самоосигурување и осигурување на партнерот
– системи за извлекување
– системи за самоизвлекување
– движење по гребен
– паралелна наврска
– абзел (спуштање со јаже) од карпа
 
9. Основно за системите во снег:
– глечерска наврска
– сидриште во снег и мраз
– осигурување во снег
– осигурување во мраз
– абзел низ заснежена падина
 
10. Алпинистички јазли.
 
11. Качување:
– Качување како прв насока со тежина V+
– Слободно качување со тежина VI+
– Качување со дерези на карпа како втор
– Качување во мраз како втор М-2 и WI-2
– Ноќно качување како прв
– Техничко качување
 
12. Познавање на скалите за оценување на тежините на насоките.
 
13. Основно за алпинистичкиот експедиционизам.
 
14. Алпинистичка етика (слободно качување, почит кон карпата, колегијалност, вистинито прикажување на резултатите…).
 
15. Одржување на алпинистичките локалитети.
 
 
 
ПРИЛОГ БРОЈ 3
ПОДГОТВИТЕЛНА ПРОГРАМА ЗА НАЗИВОТ
АЛПИНИСТ
 
1. Форми на планинскиот рељеф (падина, врв, седло, гребен и сл.).
 
2. Основни рељефни форми на карпа (камин, плоча, жлеб, кулоар и сл.).
 
3. Основни поими за ориентација во природа (работа со компас, читање карта, одредување страни на светот).
 
4. Планирање на една планинарска тура – марш (патување, временско планирање, планирање на опрема, храна и сл).
 
5. Планирање на едно алпинистичко искачување (потребна опрема, планирано време, временска прогноза, избор на правец кај првенствени искачувања…).
 
6. Основи на планинската метеорологија и климатологија.
 
7. Облека за движење и престој во планина (пантолони, јакни, чевли, шатори, вреќи, прибор за готвење…).
 
8. Алпинистичка опрема:
– карабинери, видови и намена,
– јажиња, видови и намена,
– појаси,
– шлем,
– патики за качување…
… основни карактеристики за целата алпинистичка опрема (сува карпа и мраз) со употреба и одржување.
 
9. Организација на бивак во карпа (кога се одлучуваме на бивак во карпа, барање на место за бивак, опрема за бивакување, принуден бивак).
 
10. Најчести повреди на планина и основи на прва помош (основно).
 
11. Основно за планинските масиви во светот (да се знаат најголемите планински масиви и локалитети во светот).
 
12. Системи на карпа, мраз и снег:
– сидришта,
– самоосигурување и осигурување на партнерот,
– системи за извлекување,
– системи за самоизвлекување,
– поставување и движење по фиксно јаже,
– движење по гребен,
– паралелна наврска,
– глечерска наврска,
– сидриште во снег и мраз,
– осигурување во снег,
– осигурување во мраз,
– абзел (спуштање со јаже) од карпа,
– спасување на карпа,
– организирање и учество во спасителна акција на карпа и планина,
– абзел низ заснежена падина.
 
13. Алпинистички јазли.
 
14. Качување:
– Качување како прв насока со тежина VI,
– Слободно качување со тежина VII,
– Качување со дерези на карпа како прв,
– Качување во мраз како прв насоки со тежина М-3 и WI-4,
– Ноќно качување како прв,
– Техничко качување.
 
15. Основи на алпинистичкиот тренинг.
 
16. Познавање на скалите за оценување на тежините на насоките.
 
17. Основно за алпинистичкиот експедиционизам.
 
18. Алпинистичка етика (слободно качување, почит кон карпата, колегијалност, вистинито прикажување на резултатите…).
 
19. Одржување на алпинистичките локалитети.
 
 
 
ПРИЛОГ БРОЈ 4
ПОДГОТВИТЕЛНА ПРОГРАМА ЗА НАЗИВОТ
ИНСТРУКТОР ПО АЛПИНИЗАМ
 
1. Се што е опфатено во програмата за звањето алпинист.
 
2. Основи на работата со почетници:
– приод кон почетниците
– проценка на способностите (психички и моторни)
– правилно дозирање на обуката
– контролни мерења (сила, издржливост, КВС капацитет, координација),
 
3. Организација на алпинистичко училиште – примена на современи наставни методи, како и организација на работа со групи на почетници во алпинизам – организација на алпинистички курс (зимски, летен).
 
4. Организација на алпинистички собир (избор на локалитет – зимски/летен, категорија на учесници, сместување, исхрана, организација на спасителна служба…).
 
5. Организација на алпинистички семинар и алпинистичко советување.
 
6. Организација (план и подготовка) на алпинистичка акција (избор на локалитет, избор на луѓе, избор на опрема, организација на патувањето и престојот, раководење со работниот тим).
 
7. Основи на организацијата на спасителна акција – летна/зимска.
 
8. Алпинистички експедиционизам:
– масиви/локалитети и соодветни сезони
– класична и мини експедиција
– класичен експедициски стил и алпски стил
– основно за експедициската опрема
– транспорт на опрема и луѓе
– исхрана за време на експедиции и акции
 
9. Психологија на работа со група/тим.
 
10. Организирање теоретска настава.
 
11. Едукативни предавања за пошироката јавност.
 
12. Организирање испит за алпинистичко звање.
 
13. Работа со напредни алпинисти.
 
14. Организација на тренингот:
– основно за физиологијата на тренингот
– основно за методологијата на тренингот
– седмичен тренинг
– месечен тренинг
– сезонска програма
– годишна програма
– програма за подготовка за експедиции од различен тип
– тренинг за слободно качување
– индивидуално следење и дозирање на тренингот
– основни реквизити за тренинг
– превентива против повреди за време на тренинг
 
15. Изработка на водач за алпинистички локалитет.
 
16. Организација на работата во алпинистички клуб.