АЛПИНИСТИЧКИ ЕКСПЕДИЦИИ
Македонската алпинистичка организација во изминативе четириесетина години има организирано експедиции во речиси сите поголеми планински масиви низ светот.
Најголемиот број од алпинистичките експедиции се реализирани во текот на осумдесетите години од минатиот век кога општествено економските услови овозможуваа организација на поголеми алпинистички проекти и кога експедиционизмот, во класичната смисла на зборот, доминираше во светскиот алпинизам. Најголемо достигнување на македонскиот експедиционизам од тој период е експедицијата на највисокиот врв на светот Монт Еверест во 1989 година, кога со искачувањето на Димитар Илиевски – Мурато на врвот, на 10 Мај таа година, Македонското Знаме за прв пат беше развиорено на ‘‘покривот на светот‘‘.
Во последниве дваесет години заради познатите општествено економски прилики кои владеат во Република Македонија, како и заради несоодветниот општествен третман што го има алпинизмот, експедиционизмот е слабо присутен.
Најчеста форма на алпинистичка активност надвор од нашата земја се алпинистичките акции кои главно се изведуваат во европските Алпи. Дел од овие експедиции се организирани од страна на Македонската алпинистичка федерација, а дел се организирани од клубовите а се помогнати од федерацијата.
Меѓутоа најголемиот дел од финансиските средства за реализација на речиси сите алпинистички акции надвор од Република Македонија, паѓаат на товар на личниот буџет на секој од учесниците. Тоа е главната причина за нашите скромни резултати во оваа област од алпинистичкото делување.
Дополнителен проблем пред институциите и пред спонзорите имаме и од самонаречените алпинисти, кои како туристи – клиенти учествуваат во организирани туристички искачувања низ планините во светот и ја користат надморската височина на своите цели како лажен аргумент за божемна ‘‘алпинистичка активност‘‘.
Во текот на 2007 и 2008 година беше изработен проектен елаборат за петгодишен циклус на алпинистички експедиции кои имаа за цел искачување во Анди -те и на Хималаи – те, вклучувајки и искачувања на првенствени насоки и неискачени врвови во овие масиви, кои по искачувањата би добиле македонски топоними. Првично проектот беше одобрен од страна на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, но потоа истиот беше стопиран. Откажувањето на овој проект беше едно од најголемите разочарувања за македонските алпинисти и причина повеќе да се интензивираат активностите за целосно заокружување на процесот на институционализација на македонскиот алпинизам и формирање Македонска алпинистичка федерација.
Нашите планови за организирање алпинистички акции и експедиции во највисоките планински масиви низ светот не се откажани. Продлжуваме да работиме во правец на формирање на организациска структура која ќе може да ги создаде неопходните предуслови, стручни, финансиски и организациски, за остварување на најголемата мечта на сегашните генерации македонски алпинисти, а тоа е искачување првенствени алпинистички насоки низ најголемите планински масиви во светот.
Новиот кадар со кој се подмладува Македонската алпинистичка организација преставува сериозна основа и инструмент за започнување со циклус на врвни алпинистички акции и експедиции низ светот.
Веруваме дека со квалитетна и упорна работа, како и со правилно преставување пред домашната јавност и институциите, ќе создадеме услови за остварување на нашите планови.
Наскоро на нашата интернет страна ќе бидат објавени идните проекти на Македонската алпинистичка федерација во областа на алпинистичкиот експедиционизам.