Со задоцнување објавувам за нова насока што ја искачивме летото со Радe и Стефанија.
Бидејќи беше качена на денот на независноста на Македонија – 8 септември 2024, го доби името Независна.
Покрај задоволството да се качуваат нови линии, за мене овој пат беше главен мотив да качувам со Радe и Стефанија, веќе силни алпинисти, но со помалку искуство во однос на нови насоки. Оваа линија со Радe и Ангел ја имавме замислено уште пред една година, но тогаш не спречи лошто време и дождот. Потоа имавме план повторно да ја качиме во истата тројка (со Раде и Ангел), но незгода на соседната наврска во карпата пак не натера да се одложи искачувањето.
Конечно беше прифатен мојот предлог да качуваме со Радe и Стефи, во еден екстремно топол ден. Очекував да иде се побрзо, да избегнеме многу топло, но не испадна така. Иако влеговме во карпата прилично рано, излеговме со едно главање на јаже при абзел околу 3 после пладне, целосно дехидрирани и исцрпени од топлото.
Сината линија е насоката Вторенствена идеја, црвената е новата насока Независна
“Независна” се наоѓа над Вардар, блиску до ланската насока “Вторенствена Идеја” која ја искачивме со Раде, и е во така наречениот дел од Демир Капија – Vardar Wall (не знам како би го напишал на Македонски без да го преведам). Следи линија на еден висок и широк Столб со можност за уште многу насоки. Се стигнува до почетокот преку делот за качување наречен плажа, на крајот од тунелите, па преку јажиња и ферата до почетокот на насоката. Има многу можности за осигурување, а ние употребивме само еден клин на првото сидриште, се друго беше качено чисто.
Првата должина ја водеше Раде, втората јас, третата Стефи, и четвртата пак Раде.
Раде во почетокот на насоката
Првата должина нешто полесна, но ронлива и со трилер елементи на лавиринт за да се најде патот, должина околу 50 метри и оцена IV.
Стефи пред првото сидриште со Раде
Втората должина почнува со траверс пречење во лево, врз една тенка пукнатина на која може да се стои, со многу малку обезбедување, па продолжува во широка пукнатина, речиси жлеб, и после по раскршен терен се до полицата за второто сидриште, околу 60 метри, и во пречењето можеби оцена околу V/V+.
Стефи во почетокот на третата должина
Стефи во клучниот дел од третата должиња, плоча со пукнатини.
Третата беше најубава, и клучна, иако сите посакуваме да влеземе и водиме во широките жлебови и тесните пукантини сепак честа и припадна на дамата. Вистинско уживање, и перфектно водено од Стефанија. Должина околу 40 метри, оцена VI+.
Раде во третата должина
Импресии после третата должина
Импресии после третата должина
Четвртата должина, преку мал но многу убав превис, па полесен дел со скокови до четвртото сидриште, околу 60 метри, и оцена околу IV+/V.
Раде во почетокот на четвртата должиња, мал превис па жлеб
Всушност, има уште една должина од околу 50 метри по нешто полесен терен, што би можело да се води, но ние решивме да одиме ненаврзани, доколу се врзе и таа со јаже, насоката ќе има должина од 260 метри.
Последната должина во која бевме ненаврзани
Последната должина во која бевме ненаврзани
Користевме две биколор јажиња, два сета френдови (0.25-5), сет чокови и носевме повеќе видови на клинови и чекан кои не ги употребивме доволно. Оставивме само една кајла на првото сидриште.
ЧЕСТИТ ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА 🙂
За жал, пишувам со задоцнување од 4 месеци, и може некој од деталите да ми се измешал, но главно тоа што го пишува е она што го памтам од качувањето а должината и оцената е нешто што ние како наврска уште тогаш меѓусебно си го споделивме.
Сумарно: Датум на искачување 08.09.2024, од Стефанија Микаровска, Раде Набаков и Александар Зарапчиев.4 должини, 210 метри, оцена IV/VI+.