Нова насока „Корабско сонце“ на Крчин

Facebook
Twitter
WhatsApp

Заедно со првиот ден од зимата, влеговме во северозападната карпа на Крчин, на планината
Дешат на Корабскиот масив. Во пристапот ги анализиравме сите можни варијанти кои оваа
убава карпа ги нудеше, но ние се одлучивме за една разиграна линија која водеше до
самиот врв на карпата, а оттаму и до врвот на Крчин. Насоката започнува во еден краток
кулоар кој е одвоен од самиот централен кулоар.


Првата должина започнува во еден краток кулоар, а после тоа следи плоча со мал жлеб, во
нашиот случај покриена со прашкаст снег, кој нѐ води до една стрмна снежна падина од каде
што се гледа логичниот тек на втората должина. Во првата должина искористивме еден клин
и други две точки на обезбедување.


Втората должина следи очигледен камин кој нѐ однесе до снежен кулоар кој што е прекинат
од карпест таван. Каминот кој го поминуваме е прилично тесен, а истиот содржи едно до две
ризични движења. Во оваа должина искористивме еден клин и три други точки за
обезбедување.


Логичниот тек на третата должина за жал е блокиран од таван кој делува невозможен.
Оттука, нашиот излез го баравме преку деликатен траверс на снежна плоча во самиот старт
на третата должина. Траверсот се игра на плоча со снег кој е прилично ограничен со опции
за обезбедување. Тој траверс нѐ однесе до работ на соседниот кулоар каде што направивме
трето сидриште.


Четвртата, клучна должина, беше најголемиот предизвик на насоката. Со смирен ум и
решителност тргнавме во сериозен и деликатен терен. Најпрво, должината оди во превис кој
бара фини и прецизни движења, а после него продолжува во тесен жлеб и важен траверс на
плоча каде што конечно може да се изгради фино сидриште. Во оваа должина искористивме
еден клин и шест други точки за обезбедување.
Последната должина следеше камин кој ја задржа деликатноста, но испадна значително
полесен од тоа што се проаѓа во претходната должина. Во последната должина
искористивме три точки за обезбедување.


Излезот на насоката гледа на запад, директно во очите на сонцето што заоѓа. Оттаму, следат
50 метри висински до самиот врв, а спуштањето оди по класичната планинарска патека до
селото Битуше.


Во целата насока искористивме вкупно 10 клинови, вклучувајќи ги сидриштата, сет френдови
и сет чокови. Инспирирани од сонцето во заоѓање, насоката ја нарековме “Корабско Сонце”.
Насоката е долга околу 200 метри, а максималната тежина е М5.
Наврската ја сочинуваа Елена Диновска Зарапчиев, Никола Илиевски и Димитар
Тодоровски, членови на АК 8, АК Матка и АК Скопје.

Новости