БЕЗБЕДНОСНИ МЕРКИ (ВЕТЕР)

Facebook
Twitter
WhatsApp

Ветровите имаат основна насока на движење, којашто зависи од насоката на пробивање на атмосферската маса. При достигнувањето на воздушната маса до планинските падини насоката се менува, и така настануваат локалните ветрови. Типичен пример е спуштање на ветерот по планинската падина, поминување преку теснеци и др.

Врз појавата, правецот и силата на ветровите најмногу влијае релјефот. Рафалноста на ветерот настанува како последица на триењето на воздухот од нерамна површина. Триењето предизвикува појава на турбуленција и вртлози во вертикален правец, што е фактор за појава на колебање на брзината на ветерот.

При издигнувањето по падина или во тесни пространства ветерот постепено се засилува. Така во горните делови на наветрените падини (пред била, рабови и др.) тој има поголема брзина и повлекува дел од снегот кој што се наоѓа таму. По поминувањето на билото на падината, ветрот постепено ја губи брзината и тоа предизвикува одлагање на повлечениот снег. Поради таа причина на подветрените делови на падината, длабочината на снежната покривка е многу поголема од таа на наветрената.

Освен транспортната, ветровите имаат и важна дејност за трансформирање на снежните кристали. Тие ги кршат откако ги вовлекуваат со себе и ги удираат во соседните кристали или други пречки. На овој начин на подветрените страни се трупаат помали кристали, коишто се споени многу блиску еден до друг и формираат снежни слоеви со голема густина (снежни даски).

Значи:

-Ветерот е и голем транспортер на снег и треба да се внимава на опасности од лавини.

-При ниски температури и сув снег може да навлезете во снежна бура дури и при сосема јасно време. Снежните кристали носени од ветерот пречат на видот и создаваат непријатности на откриените делови на лицето. Тоа се условите при кој што се образуваат снежни стреи и лавини на подветрените падини, дури и кога нема многу снег, поради снежните маси носени од силниот ветер.

-Силниот ветер може да го попречи движењето и комуникацијата на една група, затоа треба да се побара каде ветрот е послаб и таму да се движиме или засолниме, како и да биде причина за измрзнување, ако времето е ладно.

-Силниот рафален ветер е исто така опасен на сложен терен заради рамнотежата на телото и во такви услови треба да се избегнува движење по такви терени.

-При големи брзини на ветерот (над 30m/s) движењето во планина станува небезбедно-опасно на моменти е невозможно да се оди, човек може буквално да биде издуван од врвот или гребенот (билото), а во шумските предели има опасност од дрвја што паѓаат. Во такви случаи е подобро да се откаже планираната тура и да се почека додека условите не се нормализираат.

-Голема е разликата меѓу движење со челен или грбен ветер. При челен ветер се губи многу повеќе време и физичка енергија. Избегнувањето на челниот ветер може да биде причина за промена на турата.

Бобан Стојанов, инструктор по алпинизам

Новости

Нова алпинистичка насока во Демир Капија

На 17.11.2024 беше искачена првенствена насока “Милојкова” 160м, VI- во Демир Капија на Вардар ѕидот од страна на нашите членови Стефанија и Радован. Качувана е во водство и на прва во слободен стил, има 4 должини.

Поставени нови иноксни ознаки со имиња од насоки на Матка

🌄 Македонската алпинистичка федерација – МАФ презеде уште еден значаен чекор за подобрување на безбедноста и ориентацијата на локалитетот Матка! Поставени се иноксни плочки кои го означуваат името и оцената на поголемиот дел од алпинистичките насоки.