Извештај од алпинистичка акција на МАФ во Доломитите, Италија – јули 2025
Во периодот од 20 до 26 јули 2025 година, дел од членовите на Македонската алпинистичка федерација реализираа алпинистичка акција во италијанските Доломити, со логор поставен во близина на градот Аллеге.
Целта на оваа акција беше повеќекратна:
- да се искористат природните услови на Доломитите за напредно алпинистичко искачување,
- да се продолжи процесот на создавање силна и конзистентна алпинистичка екипа во рамки на МАФ,
- да се надградуваат техничките и логистички вештини во вистински алпинистички услови.
Учесници во акцијата беа следниве алпинисти:
- Елена Диновска Зарапчиев
- Александар Зарапчиев
- Радован Џепароски
- Христина Крстеска
- Ангел Куртелов
- Раде Набаков
- Димитар Тодоровски
На оваа акција претходене јавен повик во рамки на МАФ, кој имаше конкретна програма и услови кои требаа да ги исполнат алпинистите за да се квалификуваат за учество.
По пристигнувањето во Италија, екипата веднаш започна со активности. Вкупно беа реализирани 4 качувачки денови, со 9 целосно искачени насоки и 3 дополнителни обиди, на повеќе различни локации низ регионот.
Ден 1:
Првиот качувачки ден беше посветен на запознавање со специфичностите на регионот, пристапите и карактерот на карпата. Сите членови се упатија кон класичната насока Via Fedele / Dimai (IV+, 800 м) на Sass Pordoi – алпинистичка линија со историја и значење.
Искачувањето беше успешно, но поради дожд, последните 200 м од насоката (вториот дел и варијанта насловна по Dimai) беа прекинати. Дел од екипата се повлече со абзел па пеш, а друг дел излезе преку пеш патека. Иако формално немаше аклиматизација, токму ова искачување ја понуди вистинската воведна доза на динамика и тимска адаптација.
Ден 2: Три наврски, две кули, една цел
Вторникот донесе стабилно време и добра кондиција но после деноноќно врнење. Првично, тимот се упати кон втората кула Села за искачување на две насоки Kasnapoff (V+, 350 м) и Via Messner – North Wall Direct, (VI‑ 250 m). Поради влажна карпа, беше извршена пренамена и целата екипа се префрли на првата кула Села, каде беа качени:
- Trenker (V+, 230 м) – класична насока со историја,
Водена од Елена Диновска Зарапчиев во наврска со Александар Зарапчиев,
Водена наизменично од Христина Крстеска и Ангел Куртелов, во тројка со Раде Набаков,
- Via Delenda Carthago (6b, 180 м) – модерна спортска насока,
Водена наизменично од Димитар Тодоровски и Радован Џепароски,
- Diedro Glück (IV, 130 м) – техничка линија со изложени делници,
Водена наизменично од Елена Диновска Зарапчиев и Димитар Тодоровски,
Водена од Христина Крстеска во наврска со Ангел Куртелов,
- Fessura di Destra (IV-, 200 м) – традиционална пукнатина со стар карактер,
Водена од Радован Џепароски во наврска со Раде Набаков и Александар Зарапчиев,
Овој ден беше еден од најдинамичните во акцијата, со искачени пет насоки на различни локации, и вклученост на целата екипа.
Ден 3: Врнежи, прогнози, но и искачена класика од Comici
Средата, и покрај најавите за нестабилно време, донесе успешен ден на преминот Фалцарего. Искачени беа:
- Comici – South Arete / Lagazuoi (V-, 230 м)
Водена наизменично од Елена Диновска Зарапчиев и Христина Крстеска
Истата насока беше водена и од Раде Набаков, во наврска со Ангел Куртелов и Александар Зарапчиев
Покрај насоката Comici беше искачена и:
- Via del Buco (IV, 280 м)
Водена наизменично од Радован Џепароски и Димитар Тодоровски
Овие насоки, покрај својата естетика, имаат историска тежина и се идеални за надградување на техника и брзина во движење по долги класични линии без многу (поточно речиси ич) осигурување во карпата. До овој момент, беа реализирани 8 целосни искачувања.
Ден 4: Дождот не стивнува
Во петокот, времето веќе не можеше да се игнорира. И покрај тоа, беа направени обиди за две нови насоки на карпата Чјавацес (Ciavazes):
- Via della Rampa del Torso (IV+, 300 м) – искачена до околу 200 м, потоа следеше абзел поради врнежи.
Водена од Александар Зарапчиев во наврска со Елена Диновска Зарапчиев
(направен е абзел на 100 метри поради дожд).
- Via delle Guide (VI+, 230 м) – откажана уште на старт поради дожд 🌧️😔
(Радован Џепароски и Димитар Тодоровски го откажаа искачувањето уште на самиот старт поради дожд).
Иако денот не понуди целосни резултати, придонесе за важни одлуки на карпа и искуства кои се суштински дел од алпинизмот.
Вкупен биланс и придобивки
Во рамки на оваа акција беа искачени:
- 9 класични насоки
- 3 дополнителни обиди
- на 4 активни качувачки денови, на неколку различни карпи (Pordoi, Sella, Ciavazes, Falzarego)
Придобивките од оваа акција се значајни:
✅ напредок во техника и логистика
✅ работа во двојки но и носење одлуки во групна динамика
✅ донесување одлуки во вистински алпинистички услови
✅ запознавање со класични насоки во светски познат регион
✅ ориентација и поставување на сопствено осигурување во голема карпа
Екипата се врати во Македонија со ново знаење, инспирација и планови за идни предизвици.
Акцијата беше финансирана од Македонската Алпинистичка Федерација.