Причини за појава на врнежи:
Треба да се нагласи дека постоењето на релативна влажност на воздухот со износ од 100% не значи задолжително и појава на врнежи. Овој услов е неопходен за формирање на облаците, но не и доволен за појава на врнежи.
Појавата на врнежите е заснована на три важни факти:
* Врнежните делчиња (водени капки и ледени кристали) мораат да бидат многу поголеми од облачните елементи (делчињата од кои се состои облакот) за да би можеле да паднат од облакот, а притоа да постојат доволно долго за да достигнат до земјината површина.
* Најчесто процесите кои ги произведуваат малите облачни елементи не се доволно делотворни во продуцирањето на големи врнежни делчиња.
* Процесите на создавање на врнежи се случуваат само во некои типови на облаци (на пр. Нимбостратус-Ns, Кумулонимбус-Cb).
Во однос на местото на формирање, врнежите се поделени во две групи. Во првата група спаѓаат оние кои се формираат на површината на земјата или на предметите на неа, а тоа се: роса, слана, иње и поледица. Во втората група спаѓаат врнежите кои се формираат во облаци и магла и паѓаат на површината на Земјата. Тоа се: дожд, ситен дожд, леден дожд (дожд што се леди во допир со ладна површина), снег, пороен снег (лапавица), зрнест снег, суградица и град. Непрекинат дожд или снег е често поврзан со Нимбостратус и Алтостратус, а испрекинат дожд или снег со облаци од типот на Алтостратус или Стратокумулус. Поројни врнежи од дожд или снег се поврзани со облаците од типот на Кумулус и Кумулонимбус, додека екстремно силни поројни врнежи и појава на град се сврзани со Кумулонимбус. Врнежи од ситен дожд (роса) обично се сврзани со Стратус.
Понекогаш типот на врнежите може да помогне во идентификацијата на типот на облаците. На пример, поројни врнежи главно се јавуваат од кумулоформни облаци, додека врнежите кои не се со пороен карактер во општ случај се сврзани со слоести облаци, главно Алтостратус и Нимбостратус. Облачноста и врнежите се поголеми на ветровитата страна на планината. Дожд што паѓа од базата на облак, но испарува пред да достигне до земјината површина се нарекува вирга.
Бобан Стојанов, инструктор по алпинизам