По минатонеделната средба во Скопје со раководството на Македонската Алпинистичка Федерација, министерот за спорт г. Борко Ристовски вчера престојуваше во Охрид, каде што го посети Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА и Тренинг-центарот на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. Овој центар е воедно и седиште на Националниот Центар за Планинско Спасување, каде се спроведува едукација и обука на спасувачи од целата држава.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, г. Кирил Пецаков, долгогодишен поддржувач на алпинизмот во Охрид и на хуманата мисија која алпинистите ја реализираат преку Планинската Спасителна Служба.
Алпинистите од клубот и волонтерите на ПСС му ја презентираа на министерот инфраструктурата, опремата и возилата со кои располага службата, како и важноста на континуираната поддршка од општината, која е клучна за одржување на оперативната подготвеност, но и за унапредување на спортската дејност.
Претседателот на клубот Антонио Додевски – воедно претседател на Националниот Сојуз за Планинско Спасување (дел од МАФ) и член на Управниот одбор на Македонската Алпинистичка Федерација – ја истакна важноста на алпинизмот како спорт кој има и силен општествен придонес. Покрај спортските вредности, алпинизмот има значајна улога во заштитата и безбедноста на посетителите во планинските предели, како и во развојот на авантуристичкиот туризам.
Тој потенцираше дека токму преку ангажманот на алпинистите од МАФ, низ повеќе од 20 години посветена работа и обуки, се воспоставија национални стандарди за водичи и спасувачи, кои денес се меѓународно признати преку членството во организациите UIMLA и ICAR. Овие стандарди претставуваат основа за безбедно движење во планина и брза, ефикасна интервенција при несреќи.
Министерот Ристовски го изрази своето задоволство од постигнатото и најави зголемена поддршка за алпинизмот и за сите општествено-корисни иницијативи во кои волонтерски учествуваат алпинистите.
Од името на Македонската Алпинистичка Федерација, клубовите и сите членови, искрено му благодариме на министерот Ристовски за посетата, интересот и поддршката за развојот на македонскиот алпинизам.