Министерот за спорт Борко Ристовски во посета на Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид и Тренинг-центарот на Планинската Спасителна Служба

Facebook
Twitter
WhatsApp

По минатонеделната средба во Скопје со раководството на Македонската Алпинистичка Федерација, министерот за спорт г. Борко Ристовски вчера престојуваше во Охрид, каде што го посети Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА и Тренинг-центарот на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. Овој центар е воедно и седиште на Националниот Центар за Планинско Спасување, каде се спроведува едукација и обука на спасувачи од целата држава.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, г. Кирил Пецаков, долгогодишен поддржувач на алпинизмот во Охрид и на хуманата мисија која алпинистите ја реализираат преку Планинската Спасителна Служба.

Алпинистите од клубот и волонтерите на ПСС му ја презентираа на министерот инфраструктурата, опремата и возилата со кои располага службата, како и важноста на континуираната поддршка од општината, која е клучна за одржување на оперативната подготвеност, но и за унапредување на спортската дејност.

Претседателот на клубот Антонио Додевски – воедно претседател на Националниот Сојуз за Планинско Спасување (дел од МАФ) и член на Управниот одбор на Македонската Алпинистичка Федерација – ја истакна важноста на алпинизмот како спорт кој има и силен општествен придонес. Покрај спортските вредности, алпинизмот има значајна улога во заштитата и безбедноста на посетителите во планинските предели, како и во развојот на авантуристичкиот туризам.

Тој потенцираше дека токму преку ангажманот на алпинистите од МАФ, низ повеќе од 20 години посветена работа и обуки, се воспоставија национални стандарди за водичи и спасувачи, кои денес се меѓународно признати преку членството во организациите UIMLA и ICAR. Овие стандарди претставуваат основа за безбедно движење во планина и брза, ефикасна интервенција при несреќи.

Министерот Ристовски го изрази своето задоволство од постигнатото и најави зголемена поддршка за алпинизмот и за сите општествено-корисни иницијативи во кои волонтерски учествуваат алпинистите.

Од името на Македонската Алпинистичка Федерација, клубовите и сите членови, искрено му благодариме на министерот Ристовски за посетата, интересот и поддршката за развојот на македонскиот алпинизам.

Новости

Нова алпинистичка насока во Демир Капија

На 17.11.2024 беше искачена првенствена насока “Милојкова” 160м, VI- во Демир Капија на Вардар ѕидот од страна на нашите членови Стефанија и Радован. Качувана е во водство и на прва во слободен стил, има 4 должини.

Поставени нови иноксни ознаки со имиња од насоки на Матка

🌄 Македонската алпинистичка федерација – МАФ презеде уште еден значаен чекор за подобрување на безбедноста и ориентацијата на локалитетот Матка! Поставени се иноксни плочки кои го означуваат името и оцената на поголемиот дел од алпинистичките насоки.