Настани


По пријавувањето од страна на неколку наши членови, дека во делот во третата должина на алпинистичката насока „Циго“, каде што веќе се имаше случено одрон, е приметено постоење на поголеми лабави блокови кои претставуваат голема опасност за алпинистите при искачувањата, но и за посетителите на Матка кои од езерото се движат по патеката кон манастирот Св. Никола, денес беше организирана акција за проверка на теренот и чистење на дел од постоечките опасности.


Во споменатиот дел беше приметено дека поголем дел од теренот се состои од блокови кои стојат „сами на себе“ и кои како и претходните – или можат да паднат сами од себе (како што беше случај веќе со споменатиот одрон) или можат да бидат намерно/ненамерно бутнати при искачувањата од страна на алпинистите. Мораше да се интервенира превентивно и да се заштитат алпинистите, но и многуте рекреативци кои ја користат патеката кон Св. Никола, а чиј број со зголемувањето на температурите и ќе расте во следниот период.
Претходно објавените фотографии на нашиот ФБ профил покажуваат дел од активностите: беа отстранети блокови околу сидриштето кај кутијата, под превисот на алпинистичката насока „Ветерански“, а пред се’ и тие во втората половина на третата должина на „Циго“. При отстранувањето на блоковите се водеше голема грижа истите да не ја оштетуваат карпата при својот пад и дополнително да направат проблеми во долните делови. Исто така, акцијата беше организирана во работен ден, кога не се очекува присуство на рекреативци во тој дел од локалитетот, но сепак и патеката беше обезбедена: дел од учесниците имаа задача да ги известат евентуалните посетители кои би дошле кај манастирот Св. Никола од некоја друга патека за активностите и да препорачаат тие да не се симнуваат кон езерото, а исто така луѓето кои работат со чамците и ги пренесуваат рекреативците преку езерото – се согласија тоа да не го прават се’ додека не престанат активностите со отстранување на блоковите. Така, тој дел од теренот во некој период од 3 часа беше затворен.
Препорака: 
Бидејќи беше отстранета поголема маса на лабави блокови, на нашите членови, алпинисти при Македонската Алпинистичка Федерација, како и секогаш им препорачуваме строго почитување на препораките за безбедност при искачувањето во овој локалитет, препорачуваме целосна подготвеност со опрема за самостојно обезбедување – посебно се’ додека не се искачат насоките под овој дел од теренот и не се утврди нивната состојба (постоечкото обезбедување, состојбата на карпата итн). Во подолг период, во „Циго“ во тој дел не постои поставена опрема за обездување (падната со одроните) и до следно известување, повикуваме на крајно претпазливо однесување на тој дел од карпата.
Акцијата беше иницирана од АК „Матка“ од Скопје и во неа учествуваа: Илија Циривири, Александар Старделов, Анастасија Величковска, Радомир Набаков, Филип Симјановски и Игор Талевски.

Найти где скачать шаблоны Joomla 3.4.