Настани
Минатиот викенд од 18ти до 19ти мај 2019та, на Матка се одржа традиционалниот алпинистички собир “Македонски алпинистички великани” кој традиционално се случува секој мај. Во рамките на собирот беше изведена голема интервенција во карпата од страна на членовите на Македонската алпинстичка Федерација - МАФ, со чистење на расклатени блокови, менување на старите и дотраени клинови, чистење на ѓубре од околината на локалитетот и уредување на пристапните патеки обраснати од вегетација. Според масовноста на зафатот и комплексноста на истиот, ова беше една од најсериозните акции за уредување на локалитетот.
Акција со волкав обем, од логистичка и техничка природа не е извршена во последните петнаесет години. Уредени беа најпопуларните и најчесто качувани насоки, но исто така беа ревитализирани и повеќе алпинистчки насоки, кои поради лошата состојба не биле качувани многу долго време - со што сега се безбедни и комплетно уредени за качување. Македонската алпинистичка Федерација покажа спремност да се справи со големи и комплексни зафати, уредувајќи истовремено и безбедно повеќе од 15-тина насоки за време на собирот.
Работата беше организирана во четири тимови; односно тимови од алпинисти кои ја чистеа карпата од расклатени блокови - кои претставуваа опасност за качувачите, тимови од алпинисти кои ги заменуваа старите клинови со нови и ги уредуваа на сидриштата, тимови на земја кои го чистеа насобраното ѓубре околу локалитетот и ги уредуваа пристапните патеки од вегетација, и тимови за координација и безбедност кои беа на повеќе места околу карпата со цел да се избегне било каков инцидент за време на работењето.
Во акцијата учествуваа 30тина алпинисти, членови на шест алпинистички клубови од МАФ, односно членови на А.К. „Матка“, А.К.„ “8, А.К. „Скопје“, А.К. „Шри Чинмој“ од Скопје, А.К. „Патагонија“ од Охрид, А.К. „Астројан“ од Штип.
Во својата работа комисијата за одржување на локалитетите во МАФ редовно ги одржува локалитетите со слични активности, но благодарение на соработката и заедничкиот проект со Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот – АППТ беа обезбедени средства и врвна алпинистичка опрема за уредување на алпинистичките локалитети. Матка, на овој собир беше целосно уредена на врвно ниво во ваков обем токму поради поддршката и разбирањето на Агенцијата.
Проектот помеѓу Македонската алпинистичка Федерација и Агенција за Промоција и Поддршка на Туризмот – АППТ опфаќа уредување и ревитализација на четири од алпинстичките локалитети во Македонија, односно локалитетот Матка околу Скопје, локалитетот Демир Капија, Остра Карпа во близина на Прилеп и уредување на насоки на Лешница на Шар Планина. Активностите кои се во тек и завршна фаза опфаќаат замена на дотраените стари клинови, чистење на локалитетите од ѓубре и вегетација, означување на пристапните патеки и ставање на инфо табли, со што значително ќе се подобри состајбата на истите и ќе се крене нивното на безбедност во овие карпи, што во крајна линија ќе значи и зголемена понуда за овој вид на туризам, кој бележи голем подем.
Македонската алпинистичка федерација и со свои средства ќе продолжи да ги уредува и останатите локалитети покрај споменатите со цел да направиме поволна клима за развивање на алпинизмот во државата, но и да соработува со Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот – АППТ и да помогне во промоција на природните убавини претставувајќи ги како врвни дестинации за туризам.


Найти где скачать шаблоны Joomla 3.4.